Навивачите на Бока се фанатици: Едни се разведуваат, други ги продаваат колите за да стигнат до Мадрид

Утре се игра големото Суперкласико помеѓу Ривер Плејт и Бока Јуниорс во рамки на финалето во Копа Либертадорес. Натпреварот, кој беше одложен два пати, наместо на „Ел Монументал“ во Буенос Аирес, поради безбедностни причини ќе се игра утре во Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“. 

Шпанските медиуми поразоговараа со еден од лидерите на фан-клубот на Бока Јуниорс и открија неколку неверојатни работи за пасијата кои ја имаат овие навивачи за својот клуб. 

„Знам за неколку луѓе кои се разведоа од своите сопруги само поради Бока Јуниорс. Жените им рекле, 'јас или Бока', а одговорот е развод“, вели Николас Матера, член на фан-клубот на Бока Јуниорс во Мадрид. „Тоа е нешто што не може да се сопре, има илјадници вакви приказни. Секојдневно добиваме нови барања од луѓе во Аргентина и слушаме разни приказни. Има луѓе кои ни ги нудат своите автомобили само за авионски билет до Мадрид. Многу луѓе добиле откази од своите работни места или самите си заминале само да ја следата Бока Јуниорс. Им било речено дека не можат да земат слободни денови и да бираат помеѓу работата и Бока. Некои дури и ја даваат целата своја заштеда за да купат билети и побараа да спијат во дворовите на куќите тука во Мадрид. Пасијата е навистина неверојатна, има луѓе кои се смртно болни и имаат уште малку време за живот, па одат на натпревари на 'Ла Бомбонера' само за да ја почувствуваат атмосферата за последен пат. Ќе видите во Мадрид што значи таа пасија“, завршува навивачот на Бока.