Најдобриот афрички судија и со виза не успеал да влезе во САД

Сомалискиот фудбалски судија Омар Абдулкадир Артан, кој од страна на ФИФА беше избран да дели правда на Светското првенство, бил спречен да влезе во САД по пристигнувањето во земјата.

Иако по долг процес успеал да добие виза, неговото влегување во САД не поминало без проблеми, за разлика од останатите африкански фудбалски официјални лица. Артан, кој неодамна беше прогласен за најдобар африкански судија за 2025 година, бил задржан на аеродром и без јасно образложение вратен назад во Турција.

Информацијата брзо се прошири на социјалните мрежи, каде беше наведено дека причините за одбивањето на влез не биле соопштени.

„На најдобриот африкански судија Омар Абдулкадир Артан му е одбиен влез во САД по пристигнувањето на Светското првенство. Вратен е во Турција без јасна причина“, пренесуваат дел од медиумите.

Сомалија е меѓу земјите кои се соочуваат со ограничувања за влез во САД, при што на најголемиот дел од нејзините државјани им е забрането издавање одредени категории визи, со исклучоци за дипломати и случаи кои се сметаат за важни за националниот интерес на САД.

Фото: omar_artan/Instagram