Меси и по крајот на кариерата ќе остане во Интер Мајами, но не во спортска улога

Лионел Меси би можел да добие важна улога во Интер Мајами и по завршувањето на својата играчка кариера.

Претседателот на бизнис-операциите на американскиот клуб, Хавиер Асенси откри дека во Интер Мајами веќе размислуваат за периодот по пензионирањето на аргентинската суперѕвезда. Според него, Меси би можел да остане тесно поврзан со клубот и во иднина.

„Ќе дојде време кога Меси повеќе нема да игра. Тој нема да може да игра уште 15 години, па мора да размислуваме за ерата по Лео. Сепак, додека сака да игра, треба да продолжи. Тој заслужува сам да одлучи кога ќе се пензионира“, посочил Асенси, пренесувајќи ја информацијата од „Марка“.

Една од опциите е Меси по завршувањето на кариерата да стане еден од акционерите на Интер Мајами. Во моментов тоа не е дозволено поради правилата на МЛС, но ограничувањето би престанало да важи откако Аргентинецот официјално ќе ја заврши играчката кариера.

На тој начин, Меси би можел да продолжи да биде дел од Интер Мајами, но во поинаква улога и да има влијание врз иднината на клубот и по неговото повлекување од терените.