Македонец и Македонка во Перт Глори ќе трчаат по победи на – „Македонија Парк“
Чолаковски и Јанчевски кои се дел од машката и женската екипа на професионалниот гигант од овој западноавстралиски град сега ќе имаат несекојдневна шанса, да трчаат на стадионот на Стирлинг Макеоднија, еден од најпознатите клубови на македонските иселеници, чиј стадион се вика – Македонија Парк.
Стадионот на Перт Глори е затворен поради реновирање за Светското првенство во женска конкуренција идната година, па Чолаковски и Јанчевски сега ќе имаат посебна шанса да играат во домот на Македонците од Перт. Стирлинг Македонија е клуб со 51-годишно постоење формиран во 1971 година од македонските иселеници.
Двајцата се возбудени што ќе играат на македонски терен и пред трибини каде доминира – црвено-жолтата боја.
„Тоа што имаме македонско потекло е многу важно и за двајцата, а колку и да сме Австралијци, тоа потекло е голем дел од нас, кои сме и какви станавме. Растејќи со бабите и дедовците кои се родени во Македонија, тие ми всадија вредности кои се многу посебни за мене и им благодарам за тоа. Тоа е нешто што го носам во себе и игра важна улога во тоа што сум сега“, вели Јанчевски.
Чолаковски во Мелбурн ја мина целата своја фудбалска кариера, пред да направи трансфер во Перт, а беше херојот за освојување на австралиската титула со Сити, но порасна со друг култен македонски клуб на иселениците во Австралија, Престон Македонија, мечеви кои многу често ги посетуваше со своите родители.
„Сите мои баби и дедовци се родени во Македонија, татко ми е роден во Македонија, тоа е еден голем и важен дел од моето детство, а и јас како и Јанчевски многу време минувавме кај бабите и дедовците и тоа е нешто нормално“, вели Чолаковски.
Двајцата се посебно возбудени што ќе играат на „Македонија парк“, кој има капацитет од само 5.000 гледачи, за разлика од стадионот а Глори со капацитет до 22.000.
„Јас знам дека тука ќе биде спектакуларна атмосферата и знам што сè направија Стирлинг Македонија, советот, сите инволвирани за да имаме извонредни услови. Ќе биде возбудливо, мислам дека ќе имаме супер атмосфера, каква што ни треба. Нам ни требаат вакви стадиони, да имаме уште поголема блискост со навивачите“, велат двајцата.