Лукаку го помина Левандовски и стана петти во историјата со најмалку 90 гола
Со 90 гола на 125 натпревари, Ромелу Лукаку е убедливо најдобар стрелец на „црвените ѓаволи“ на сите времиња. Интересно е што тој го имаше своето деби за Белгија на 24 февруари 2010 година, против Хрватска, а ги постигна своите први два гола во ноември истата година во натпревар против Русија. Со својот гол синоќа, Лукаку ги помина Роберт Левандовски од Полска и Али Мабкут од Обединетите Арапски Емирати кои имаат по 89 гола за своите репрезентации.
Само четири фудбалери во историјата постигнале повеќе голови за националните тимови. Апсолутен рекордер е Португалецот Кристијано Роналдо со 143 гола, по него е Аргентинецот Лео Меси со 116. Трет на листата е Иранецот Али Даеи со 108 гола, додека Индиецот Сунил Чхетри е на четвртото место со 95 гола. Така, Лукаку стана единствениот европски фудбалер покрај Роналдо кој ја достигнал таа бројка.
Лукаку моментално е петти на листата на сите времиња на белгиските репрезентативци со 125 настапи, но наскоро би можел да се пробие погоре. Листата ја предводи Јан Вертонген со 157 настапи, Аксел Витсел има 137, а Тоби Алдервирелд е трет со само два настапи повеќе од Лукаку. На четвртото место е Еден Азар, кој има еден натпревар повеќе од 33-годишниот напаѓач, па може да се очекува веќе на Светското првенство, фудбалерот на Наполи да дојде до третата позиција.