Клосе е сигурен: Ќе падне мојот рекорд
Германецот моментално го држи местото на најдобар стрелец на сите времиња со 16 гола. Лионел Меси е најблиску до него со 13 гола, а Клосе дури и претпочита Аргентинецот да го наследи на врвот. Во конкуренција е и Мбапе кој досега постигна 12.
„Ќе падне мојот рекорд. Има повеќе тимови, повеќе играчи, повеќе натпревари и затоа повеќе можности за постигнување голови“, изјави Клосе за германските медиуми.
Светскиот шампион од Светското првенство во 2014 година изби на првото место на листата на стрелци во полуфиналето на турнирот пред 12 години, кога постигна гол во спектакуларната победа од 7-1 над домаќинот Бразил. Тогаш напаѓачот, кој сега е тренер на Нирнберг, го надмина Роналдо да Лима, а Германија подоцна ја освои титулата со триумфот против Аргентина во финалето.
Меси ќе брка голови против Алжир, Австрија и Јордан, кои се во групата на актуелниот светски шампион. Франција на Мбапе, пак, е во друштво на Сенегал, Ирак и Норвешка.