Италија втор полуфиналист на Мундијалито – страшна мајсторија со петица на Еспозито (ВИДЕО)

Италија е вториот полуфиналист на Светското првенство за млади (до 20 години) во Аргентина откако синоќа „аѕурите“ славеа со 3-1 против Колумбија во четвртфиналето и сега го чекаат подобриот од денешниот дуел на Јужна Кореја и Нигерија за противник за пресметката за место во финалето.

Италија до полувреме даде два гола преку Чезаре Касадеи во деветтата и Чезаре Балданци во 38-та минута, но шоуто го украде Франческо Пиа Еспозито кој даде страшен гол со петица на самиот старт на вториот дел, во 46-та минута и Италијанците практично ја завршија работата за полуфинале.

Колумбија три минути по третиот примен гол се вратија во мечот прекрасен гол на Џохан Торес, но не успеаа да го направат повозбудливо ова четвртфинале, иако дојдоа во низа шанси за втор погодок, но и Италија имаше свои шанси за практично да ги прегази.

За Италија ова е трето полуфинале во историјата на младинските Мундијали, откако во 2017 година првпат играа во завршницата и освоија бронза по триумф над Уругвај во малото финале на пенали (4-1) откако во полуфинале ги елиминира Англија, а во 2019 година освоија четврто место откако во полуфинале загубија од Укрина. Интересно, двете елиминации во полуфиналињата беа од идните светски младински прваци, Англија во 2017 и Украина во 2019 година.

Вчера Израел го победи Бразил со 3-2 по продолженија за историско полуфинале на своето деби на Светските младински првенства, а денеска Израелците ќе го дознаат противникот за полуфиналето по пресметката на САД и Уругвај.