Италија е на нозе, но не поради Ковид-19: Интер дефинитивно може да го купи Меси!

Постепеното смирување на пандемијата со коронавирусот во Италија, која до неодамна беше најпогодена европска земја од болеста Ковид-19, полека го враќа вниманието на јавноста кон поведри теми, меѓу кои дефинитивно број еден е потенцијалниот трансфер на векот – Лионел Меси во Интер.

Прв оваа бомба во јавноста ја пушти поранешниот сопственик на составот од Милано, Масимо Морати, потоа ја продолжија медиумите велејќи дека Аргентинецот би можел да ја напушти Барселона уште ова лето, а не следното кога му завршува договорот, а „шлаг на тортата“ денеска стави Беноа Кое, поранешен играч на нераѕурите.

„Интер дефинитивно може да го купи Меси, не се сомневајте во тоа. Претседателот Женг има доволно пари и амбиции за такво нешто. Тоа човек кој секогаш размислува за големи работи“, изјави Кое.

Меси не крие дека е гневен како раководството на Барса се однесуваше при договорот за кратење на платите, сакајќи целата вина да ја префрли на фудбалерите, а неговиот менаџерски тим веќе извесен перид одбива воопшто и да разговара за евентуалното продолжување на соработката со каталонскиот гигант.