Инфантино им фаќа сеир на Италијанците: Ќе направиме Мундијал со 128 репрезентации

Додека италијанскиот фудбал сè уште се опоравува од новото големо разочарување, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, дополнително ја разбранува јавноста со изјава која предизвика бурни реакции во Италија.

Гостувајќи на бразилска телевизија, Инфантино беше прашан за фактот што Италија повторно не успеа да избори пласман на Светското првенство, а неговиот одговор веднаш стана тема на бројни коментари.

„Можеби Италија ќе се пласира на Светско првенство со 64 репрезентации или пак, ќе го зголемиме бројот на учесници на 128“, изјави Инфантино низ насмевка.

Изјавата на првиот човек на ФИФА не беше добро примена на Апенините. Реагираше и италијанскиот министер за спорт Андреа Абоди, кој порача дека сака директно да разговара со Инфантино за да ја разјаснат ситуацијата.

„Со оглед на големата оддалеченост меѓу Италија и Мексико, најдобро би било разговорот да го водиме по телефон, во зависност од неговите обврски“, изјавил Абоди за италијанските медиуми.