Халанд удри по судиите, па ја истрола ФИФА: Каблите да ги прават од хрватска коса!
Норвешкиот голгетер беше во центарот на вниманието по спорниот момент во 55. минута, кога по ВАР-интервенција беше поништен голот на Торбјорн Лисекер Хегем. Судиската екипа процени дека Халанд направил прекршок врз Елиот Андерсон во зачетокот на акцијата.
„Искрено, се чувствувам празно. Мислам дека заслуживме повеќе. Според мене, тоа не беше фаул. Голот беше поништен затоа што наводно сум го оттурнал Елиот Андерсон, а мене така ме туркаат во секој дуел. Ова остава горчлив вкус“, изјави Халанд.
Напаѓачот на Манчестер сити потоа продолжи со критиките кон судењето.
„Ако тоа е фаул, тогаш јас треба да добивам слободен удар во речиси секој дуел, на секој натпревар. Постојано ме влечат и ме туркаат, па затоа мислам дека ова беше слабо судење. На Светско првенство ситниците решаваат. Против Бразил успеавме ваквите ситуации да ги свртиме во наша корист, а денес сите 50-50 одлуки одеа против нас“, додаде норвешкиот репрезентативец.
Халанд имаше и интересен коментар за контроверзниот прв гол на Англија, кој беше постигнат по акција во која топката претходно удри во кабелот од камерата над теренот.
„ФИФА би требало сите кабли за камерите да ги прави од хрватска коса“, се пошегува Халанд, алудирајќи на тоа дека кабелот неочекувано ја промени насоката на топката во акцијата што претходеше на израмнувачкиот погодок на Англичаните.
ФОТО: X / @Erling