Аргентина и Англија во Атланта ќе војуваат и за Фокландските острови - ќе биде пеколно!

Полуфиналниот дуел меѓу Аргентина и Англија на СП 2026, закажан за в среда 921 часот), доби дополнителна политичка тежина, откако аргентинскиот заменик-министер за надворешни работи Пабло Кирно повторно ја отвори темата за суверенитетот над Фокландските Острови.

Само неколку дена пред натпреварот во Атланта, Кирно објави авторски текст во кој ја критикува британската власт над островите, нарекувајќи ја „незаконска окупација“ и истакнувајќи дека Аргентина никогаш нема да се откаже од своите претензии.

„Времето не ја претвора незаконската окупација во суверенитет. Ниту ќе го наруши територијалниот интегритет на Аргентинската Република. Нема да се откажеме од нашето право. Фокландските Острови се историја, територија, море, сеќавање и судбина“, порача Кирно.

Тој исто така го отфрли значењето на референдумот од 2013 година, на кој огромно мнозинство од жителите гласаа за останување под британска власт, оценувајќи дека таквото изјаснување нема правна тежина. Одговорот од Велика Британија стигна експресно. Британската министерка за надворешни работи во сенка, Прити Пател, порача дека жителите на Фокландските Острови се „горди Британци“ и дека нивното право на самоопределување не може да биде доведено во прашање.

„Последните изјави од Аргентина се навредливи и неточни. Народот на Фокландските Острови е гордо британски и никоја ревизионистичка реторика од Буенос Аирес нема да го промени тоа. Велика Британија секогаш ќе стои зад нив“, напиша Пател.

Тензиите дополнително се засилија откако аргентинските фудбалери по победата над Швајцарија славеа со песна во која се споменуваат Малвините – аргентинското име за Фокландските Острови. Во пресрет на полуфиналето, полицијата во Атланта подготвува засилени безбедносни мерки поради големиот број аргентински и англиски навивачи. На социјалните мрежи веќе се појавија снимки од помали инциденти меѓу навивачите на двете селекции.

Спорот околу Фокландските Острови трае со децении, а најкрвавото поглавје беше војната во 1982 година, во која загинаа 649 аргентински и 255 британски војници. Истата тема беше силно присутна и за време на Светското првенство во 1986 година, кога Диего Марадона својот легендарен гол со „Божјата рака“ го опиша како симболична одмазда за поразот во војната.