Финалето на СП 2026 во Њујорк

Првото Светско првенство во фудбал кое ќе се игра со 48 земји ќе биде во САД, Мексико и Канада, а до крајот на годинава ќе бидат познати сите домаќини на Мундијалот преку Атлантикот, но веќе отсега е јасно дека финалето на 12 јули ќе се игра во Њујорк.

ФИФА објави дека во последниот квартал од оваа година треба да бидат познати 16-те градови домаќини на СП 2026 и во моментов има 23 градови кои се кандидати за организација на најголемиот фудбалски настан, но седум од нив во следните шест до осум месеци ќе отпаднат.

Веќе е познато дека десет градови од САД ќе бидат домаќини, а по три од Мексико и Канада, а сега изборот на градови домаќини малку се одолговлекува поради лошата ситуација со пандемијата со коронавирус, но најавено е дека до јули годинава би требало сѐ да биде познато, а ФИФА на својот Совет во последниот квартал од годинава да ги потврди сите градови домаќини.

Првото СП со 48 селекции ќе донесе севкупно 80 мечеви, од кои 60 ќе се играат во САД, а по десет во Мексико и Канада. Засега не е познато кој град би бил домаќин на отворањето на овој Мундијал.

Идната година Катар ќе биде домаќин на СП, последно првенство со 32 земји учеснички.