ФИФА од 2021 година воведува ново Светско клупско првенство со 24 учесници

ФИФА наместо да работи на намалување на натпреварите на фудбалските клубови, од 2021 година ќе ја направи фудбалската сезона уште понапорна. 

Светската куќа на фудбалот планира за две години да почне ново Светско клупско првенство на кое ќе учествуваат дури 24 тимови. Сегашниот формат каде се натпреваруваат победниците од сите континенти и плус еден клуб од земјата домаќин ќе замине во историјата.

Планот е Европа да ја претставуваат дури 8 екипи (најверојатно последни четворица победници во Лигата на шампионите и Лигата на Европа), потоа од Јужна Америка би учествуваше шест тимови, од Азија, Африка и Северна Америка по три, додека Океанија ќе има еден претставник. Клубовите ќе бидат поделени во осум групи по три тима, а само победниците ќе продолжат во четвртфиналето.

Светското клупско првенство би требало да се игра кон крајот на јуни, а прв домаќин најверојатно ќе биде Кина.