ФИФА ќе ги спои двата преодни рока: Ќе се купуваат играчи цели шест месеци!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) сериозно планира да ги спои двата преодни рокови во еден, па откако ќе започне летниот преоден рок, веројатно нешто подоцна од стандардниот термин 1 јули, клубовите ќе може да купуваат играчи до завршување на зимскиот преоден рок во 2021 година на крајот на јануари.

Од поодамна е најавено дека ФИФА ќе интервенира вонредно во правилникот за статус и трансфери на фудбалери откако избувна пандемијата со коронавирусот, па веројатно актуелните договори и заеми ќе се продолжат и нема да завршат до 30 јуни според правичниот правилник, зашто во најава е продолжување на сезоната. Тоа би значело пролонгирање и на стартот на преодниот рок најмалку за еден месец, а можно е и за два, во зависност кога би завршила актуелната сезона.

Тоа значи дека кога ќе се отвори новиот „трансфер-прозорец“, клубовите ќе добијат шанса во текот на целата есенско-зимска полусезона да преговараат и да договараат нови засилувања, а завршницата би била на крајот на јануари која би завршил зимскиот преоден рок.

Спојувањето на двата преодни рока го најави угледниот британски весник „Гардијан“, повикувајќи се на информации од Цирих, седиштето на светската организација, без поконкретни детали. Но, ФИФА веќе најави ревидирање на својот правилник, па наскоро би требало да излезат со детали за севкупните мерки после пандемијата со Ковид-19, меѓу кои и за формирање на солидарен фонд со цел да се ублажи рецесијата која е веќе изгледна во севкупниот светски фудбал.

Тоа што е сигурно, барем засега во најава, во новиот преоден рок кога и да започне, тешко дека ќе има спектакуларни трансфери со цифри над 100 милиони евра.