Екс-агент на ЦИА шпионирал за Катар за да го добие СП кое ќе го организира догодина!?

Поранешен оперативец на американска ЦИА работел за Катар, домаќинот на претстојниот Мундијал догодина, па шпионирал сѐ од Светската фудбалска организација (ФИФА) до ривалите за добивање на организацијата за најголемиот светски фудбалски настан, објави новинската агенција „Асошиетед Прес“.

Голема бура се крена уште пред една деценија кога Катар беше избран за домаќин на СП 2022, по што излезе џиновската афера „Катар Гејт“ во која пребогатите шеици го купиле првенството, а најголема улога одиграл поранешниот француски претседател Николас Саркози, а сето тоа се поклопило со големата политичка и финансиска соработка на Франција и Катер вредна над десет милијарди евра, по што Саркози преку Мишел Платини, тогашен прв човек на УЕФА, издејствувал Катар да ја добие организацијата.

Ова првпат после една деценија, а шест години по падот од тронот во светскиот фудбал го посочи и бившиот прв човек на ФИФА, Сеп Блатер, кој првпат и призна дека е грешка доделувањето на организацијата на СП на Катар, а дека САД требало да ја добијат откако претходно било договорено СП во 2018 година да се одржи во Русија.

И дека битката за организација е повеќе од фудбал, сега АП се надоврзува со „шпионска афера“, за која Катар го ангажирал поранешниот оперативец на моќната ЦИА, Кевин Чалкер.

„Со цел да се осигура дека ќе ја добие организацијата, Катар го ангажирал поранешниот официр на ЦИА, Кевин Чалкер за да ги шпионира конкурентите, пред сѐ САД и Австралија, ама и клучните фудбалски функционери кои во 2010 година го бираа домаќинот на СП. Чалкер и после добивањето на организацијата продолжил да работи за Катар, па во следните години ги следел сите критичари во овие земји. Следел многу луѓе, а разговорите со поранешни соработници, како и договори, фактури, мејлови и останата документација го откриваат тоа“, пишува АП.

Чалкер со години водел компанија под името „Глобал Риск Адвајзерс“, па еден документ од 2014 година открива дека компанијата за да севкупната мисија околу добивање на организацијата, но и „задушувањето на критиките во рамките на светската организација“, биле побарани, а веројатно и потрошени неверојатни 387 милиони долари.

Но, наводно улогата на екс-оперативецот на ЦИА за Катар не се сведувал само на фудбалскиот дел, зашто документи откриваат дека работел уште неколку проекти, како проект за мигрантите што (ќе) работат во Катар и тоа „лични податоци и биометрија за секој посебно“ со проект „око соколово“ за надзор со дронови на целата гранична линија и на пристаништата, но и контрола на центарот за мигранти.

Вториот проект „поскок“, бил околу контрола на телекомуникациите, поточно експлоатација на мобилните уреди во близина и на далечина, со цел за подобра национална безбедност. Инаку тој во ЦИА работел пет години пред да „избега“ во Катар, а против него има и тужба од Елиот Броиди, човекот кој собираше пари за кампањата на бившиот американски претседател Доналд Трамп, кој го тужи Чалкер за „распространета кампања со хакирање и шпионирање во интерес на Катар во која се вклучува и користење на поранешните западни разузнавачки службеници за следење на високи чиновници на ФИФА“.

Блатер за „Ле Монд“ неодамна објави дека нема докази, ама се сомнева дека многу фудбалски функционери добиле сериозни суми на пари за да гласаат за Катар. Пет години после доделувањето на организацијата на СП на Катар, акцијата на ФБИ и американското обвинителство доведе до најголема афера во ФИФА со проневерени стотици милиони долари, од високи функционери од Јужна Америка и зоната КОНКАКАФ, а дел од тие беа во главното управувачко тело Извршниот комитет, кој сега после аферата е заменет со Совет на ФИФА.