Денеска на СП: Англија и Холандија по заверка на осминафинале!

Фудбалските велесили Англија (светски првак од 1966) и Холандија (трикратен светски вицепрвак) денеска тргнуваат во поход по заверка на осминафиналето на Светското првенство во Катар, со стартот на второто коло во групите А и Б на Мундијалот.

Откако двата великани на светскиот фудбал стартуваа со победи во првата рунда, сега имаат шанса да го запечатат осминафиналето и последното коло да го направат само формалност за нив, па да почнат да се подготвуваат за главната борба за пехарот и елиминациите во кои никој нема право на грешка.

Англија во вечерниот последен термин од 20 часот игра против САД, а после шестката за Иран и фактот дека Хери Кејн не се запиша во листата на стрелци, ги прави англичаните апсолутни фаворити, а Американците колку и да се надеваат и да имаат премиерлигашки играчи како Кристијан Пулишиќ, сепак преголем залак за нив е да направат сензација особено што „трите лава“ демонстираа сериозна моќ на отворањето.

Холандија беше стерилна со Сенегал, ама во последните 10 минути успеа да го скрши отпорот на незгодниот африкански шампион и да тргне победнички, па сега против Еквадор од 17 часот „лалињата“ ќе ја бараат втората победа против селекција која за разлика од Африканците повеќе сака да игра фудбал, наспроти сенегалската стратегија на цврста, агресивна и физички захтевна игра.

Како и за Англија, Холандија е фаворит, но тоа ќе мора да го демонстрира на терен, а од друга страна колкав е капациетот на Еквадор баш денеска ќе се види, зашто домаќинот Катар и победата со 2-0 не беше репер за селекцијата која ја предводи Енер Валенсија.

Велс и Иран од 11 часот ја отвораат денешната програма и за Иранците ова е шанса да се извадат за дебаклот со Англичаните, а за Велс шанса да направат исчекор кон осминафинале пред островската пресметка со „Гордиот Албион“ во последното коло во кое ако англија победи, можно е Герет Саутгејт да го сочува главниот потенцијал за осминафиналето.

Сенегал за да остане во Игра ќе мора да го победи Катар од 14 часот, а квалитативно африканскиот првак е класа за домаќинот, кој без упатен шут против Еквадор покажа дека не е тим за Мундијал и дека настапот е исклучиво само поради тоа што е организатор.