Циркузи: ФИФА дозволи клубовите да не ги пуштаат репрезентативците, а сега ги – моли

Светската фудбалска федерација (ФИФА) сама си направи каша од која не знае како да излезе, откако ја продолжи важноста на правилото со кое среде пандемија со коронавирус, клубовите не се обврзани задолжително да ги пуштаат репрезентативците за своите национални тимови во претстојниот мартовски квалификациски циклус, па сега ги моли европските тимови да ги ослободат фудбалерите.

Поради пандемијата и рестрикциите што постојат во одредени земји со задолжителен карантин за луѓе што доаѓаат од ризични подрачја кои се во црвена зона поради и опасните мутации на коронавирусот, ФИФА ја олабави правилата за задолжително ослободување на фудбалерите, за тие што најмалку пет дена по враќањето ќе мора да одат во карантин.

Но, откако низа клубови најавија дека нема да ги ослободуваат играчите, а последен е Ливерпул, поради тоа што потоа на две недели поради задолжителен карантин ќе мора да минат најголем дел од првотинците, ФИФА почна да ги моли клубовите да не бидат толку ригидни. Во молењето им се приклучи и јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ.

Причина е што поради т.н. бразилски сој поголем дел од „кариоките“ не би можеле да играат за националниот тим, а Бразил веќе го одложи соопштувањето на списокот зашто не знаат кој сѐ им е достапен, а според актуелните случувања би требало да играат со Ш-тим. Слично е и за другите јужноамерикански земји, а проблем воглавно се фудбалерите од Велика Британија, но и од Германија, која има рестрикции за патници кои не се од ЕУ.

КОНМЕБОЛ не може да го одложи квалификацискиот циклус во март поради тоа што јуни е зафатен термин за Копа Америка (11 јуни-11 јули), а опцијата да играат сите селекции само со домашни играчи е неприфатлива. И ФИФА сега се најде на „линија на огнот“, па практично не знае што да направи, освен да лобира и да влезе во битка на убедување, јужноамериканците да бидат одлободени за нивните национални тимови.

За денеска е закажан состанок на ФИФА и КОНМЕБОЛ за да се најде некакво решение и компромис, но прашање е дали светската организација ќе успее да најде такво решение кое би било задоволувачко за сите страни.