Косово и Гибралтар направија проблем: Баскија бара прием во ФИФА и УЕФА!

Шпанската провинција Баскија, еден од најсепаратистичките региони на Пиринеите заедно со Каталонија ќе побара официјален прием во Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Европската фудбалска унија (УЕФА) по принципот на прием на Косово и Гибралтар како нови членки на двете најголеми фудбалски организации.

Баскија ќе поднесе барање за прием и ќе побара да игра во европските квалификации, како и во мундијалските квалификации, а во барањето ќе потенцира дека сите автономни региони треба да добијат отворена врата за пристап во фудбалските организации. На состанокот на баскиската фудбалска федерација (ФВФ) присуствувале и клубовите од Ла Лига, Атлетик Билбао, Реал Сосиедад, Алавес и Еибар на кој било побарано прием од ФИФА и УЕФА.

„Следејќи ја желбата на баскиската фудбалска федерација, како репрезнт на баскискиот фудбал да се промовира и меѓународно да се признае, беше одлучено да се побара формално прием за членство и интеграција на ФВФ во ФИФА и УЕФА“, се вели во соопштението.

ФИФА и УЕФА ги примија Косово и Гибралтар за свои членки, иако не се признаени во Обидинетите нации (ОН), што беше услов за прием според статутот на двете организации. Црногорската легенда Дејан Савиќевиќ на Конгресот на УЕФА во 2016 година, кога беше примено Косово жестоко се спротивстави на идејата поради прекршувањата на Статутот, потенцирајќи тогаш дека Црна Гора чекала официјално признавање од ОН и најави дека целиот тој преседан е вовед во дополнителен хаос.

Гибралтар е британска колонија за чиј прием жестоко се спротивстави Шпанија, додека Косово доби независност, но според резолуцијата на ОН и понатаму е дел од Србија. Баскија има репрезентација од 1920 година, а националистичкиот регион потоа ја изгуби комплетната автономија за време на диктатурата на Франко, а потоа репрезентацијата играше само неофицијални мечеви за Божиќ.

Последни што бараа прием во ФИФА и УЕФА беа островите Џерси, кои се дел од Велика Британија, но барањето беше одбиено во Нион, па за прием на оваа членка воопшто и не се гласаше на Конгресот на европската организација.