Американска ѕвезда на Њукасл: САД е несигурно место за млади со црна боја на кожата!

Америка во моментов освен што се бори со пандемијата со коронавирус која најсилно ја погоди оваа земја (над 100 илјади мртви и скоро два милиони заразени), во моментов е во фокусот поради жестоките и насилни протести откако полицаец го уби црномурестиот Џорџ Флојд, по што многу фудбалски ѕвезди и клубови одадоа почит кон трагично загинатиот.

ДеАндре Једлин е американски фудбалски репрезентативец и член на премиерлигашот Њукасл, кој во екот на хаосот што се случува во САД, посочи дека Америка не е повеќе сигурно место за млади темнокожци. Тој има афро-американско, но и еврејско-летонско потекло.

„Мојот дедо после неколку дена од смртта на Џорџ Флојд ми прати порака дека е пресреќен што не сум во САД моментно и што не живеам таму во овој момент, зашто ќе бил загрижен за мојот живот, бидејќи сум црномурест. И како одминуваат деновите, јас ова не можам да го извадам од глава, а веќе и сфаќам дека САД е несигурно место за млади темнокожци“, вели Једлин.

Тој има 62 настапи за САД, а посочува дека неговиот дедо ги искусил најголемиот расизам во Америка, ама не може да поверува дека ова денеска се случува во 21 век.

„Мојот дедо е роден во 1946, ги преживеа сите 'револуции' за човекови права, живееше во некои ужасни расистички периоди и сега 70 години подоцна тој уште стравува за животот на неговите внуци, зашто тие се црномурести. Стравува за нив кои се родени во САД, кои за таа земја играат и даваат сè и кои истата таа земја САД ја претставуваат и надвор од границите. Никој не бара животот на црномурестите да биде поважен од тој на белците, туку бараме секој живот да биде исто вреднуван, никој помалку. Моето срце е со Џорџ Флојд, со неговото семејство и со сите невини жртви од полициската бруталност“, додава Једлин.