Врие кај репрезентативците: ФФМ не им ја исплаќа премијата за триумфот над Германија!

За десетина дена ќе се одбележат четири месеци од еден од најголемите успеси на македонскиот репрезентативен фудбал - победата нагости над Германија во Дуисбург со 2-1 што одекна како светска сензација. Насловните страници на сите светски медиуми беа полни со пофалби за избраниците на тогашниот селектор Игор Ангеловски, а тој триумф на сите нам ни ги подигна очекувањата од Еуро 2020, кое го завршивме со три порази, во кои играчки - не се посрамотивме. 

Поради победата од 2-1 со головите на Горан Пандев и Елиф Елмас, фотелјашите во ФФМ (читај: членовите на Управниот одбор), на седницата на 19 мај, решија да ги наградат македонските репрезентативци со премија од 150.000 евра. На истата седница беше донесен и правилникот за наградување на натпреварите на Еуро 2020.

Но, до ден денешен, парите не се исплатени иако како што дознаваме неофицијално имало неколку состаноци на оваа тема. Последниот договор бил парите да легнат на сметка на фудбалерите до 10 јуни, ден пред стартот на Еуро 2020, но тоа не се случило. Потоа почнаа натпреварите, работата се оладила, но деновиве повторно е актуелизирано прашањето.

Единствена разлика е што во меѓувреме, македонскиот национален тим остана и без капитенот Пандев и без селекторот Ангеловски, па сега нема кој да „потегне“ да се реши овој „проблем“ на релација ФФМ - репрезентативци. Тие што останаа се бунат и дигаат „џева“ само во приватните вибер групи на фудбалерите, никој нема храброст да излезе и официјално да сподели за проблемот, а тој што најмногу треба да ги застапува правата на играчите, спортскиот директор Дени Масев - молчи, што ја потврдува неговата улога на „англиска кралица“ во националниот тим.

Кукавичлукот на репрезентативците е како добредојден за фотелјашите и за водечките луѓе на ФФМ, кои молчат на темата и ништо не превземаат. Не дека на фудбаларите им дошло баш до овие пари, но инсистираат дека тоа што им е ветено треба да биде исплатено. Дека ФФМ нема проблем со финансиите се знае многу одамна, па веројатно сето ова е само нечиј личен хир, со кој си ја храни суетата и си ги лечи фрустрациите. 

Парите веројатно досега ќе им легнеа на сметка, ако премија (повторно) решија да си поделат членовите на УО, како што направија кога Македонија се пласираше на Еуро 2020. Тогаш парите со брзина на светлината легнаа на сметките на сите „заинтересирани странки“.