„Во Јапонија 'војувавме' меѓу себе, пресреќни сме што сега ќе бидеме - еден крај друг“

Поранешниот младински македонски репрезентативец, Дориан Бабуноски, денеска и официјално потпиша две ипол годишен договор со унгарскиот прволигаш Дебрецин, каде што првпат во кариерата ќе игра заедно со својот брат, Давид Бабунски.

Двајцата во минатото беа дел од младинските школи на шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона, но немаа меѓусебен дуел во некое „Ел Класико“, додека меѓусебните сили ги одмерија пред неколку години во Јапонија, каде што двајцата настапуваа во исто време. Сега, Дориан и Давид се возбудени, што првпат ќе се најдат во иста соблекувална.

„Вакво нешто не се случува често, да може да играте со сопствениот брат, во иста екипа, што се вели да делите иста судбина. Пресреќни сме за тоа. Не секому му се укажува ваква шанса. Во Јапонија во минатото војувавме еден против друг, а сега ќе биде привилегија да бидеме дел од иста екипа. Само не знам дали ќе бидеме и цимери, од бебиња сме заедно, па можеби ќе си дозволиме малку простор за 'одмор'“, вели со насмевка на лицето Давид Бабунски, како своевидно добредојде за својот брат во новата средина.

Дориан, кој во минатото беше дел од Реал Мадрид, знае каде доаѓа и свесен е за предизвикот што е пред него.

„Доаѓам во квалитетен клуб со богата традиција и ќе дадам сѐ од себе да го вратиме на славните патеки. Верувам дека ќе продолжам да играм во добра форма како во Бугарија и сигурен сум дека има што да му понудам на унгарскиот тим“, дополнува Дориан.

Тој четири години беше дел од младинската школа на „кралевите“ од Мадрид (2011-2015), а сениорската кариера ја почна во шпанска Фуенлабрада, по што настапуваше за екипи како Олимпија Љубљана Радомлје, како и за јапонските екипи Мачида и Кагошима. Има настапи за младинските селекции на Македонија до 17, до 19 и до 21 година.