„Полските хулигани се чудо - ги тепаш, тие стануваат и продолжуваат како ништо да не било!“

Бурно беше во Скопје во изминатите 40-на часови, откако полските хулигани го навасаа градот и покажаа зашто важат за едни од најбруталните во навивачкиот свет. Македонската јавност на дело ги виде „животните“ кои прават ршум каде и да се појават.

Полските хулигани ја кренаа целата македонска полиција на нозе, но и покрај големата ангажираност успеаја да направат сериозни инциденти, добро да се истепаат, малку меѓусебе, малку и со полицијата и сето тоа да заврши со над 180 приведени хулигани и масовна тепачка по која дури и полицајците останаа зачудени од однесувањето на Полјаците.

Сѐ почна завчера попладне со првиот инцидент на плоштадот Македонија, па продолжи со тепачка во близина на Владата, па со ситни бркотници, а заврши со пресметка за аналите, каква што македонската полиција нема видено кај Националната Арена „Тодор Проески“ во градскиот парк.

„Невидено нешто, 'пола саат' се тепаа. Вакво нешто немало“, вели еден од полицајците кои беа распоредени кај паркот на Франкофонијата и кои требаше да ја решат ситуацијата која излезе од контрола.

Во навивачкиот свет веќе излезе информација дека пресметката е меѓу хулиганите на Легија Варшава со соперниците од Видѓев Лоѓ. А, во мноштвото озогласени групи ги имаше од речиси секаде – Краков, Битов, Белхатов, Лублин...

„Не сум видел вакво нешто. Ги тепаш, а тие после два удари паѓаат и пак стануваат. Продолжуваат како ништо да не било. Ама, добија добар ќотек“, посочува еден од полицајците кои ги растерале хулиганите.

И кога дојде мечот на ред, источната трибина и двата блока речиси преполни. Празни делови доволно колку за тие што отсуствуваа, зашто беа приведени. А на трибина сите како една група, навиваат за Полска, како ништо да не се случувало во претходните 24 часа низ Скопје.

Дури и еден од полските новинари присутен во македонската престолнина потенцира дека одамна не видел ваков хаос, па ниту толку групи од Полска на исто место и толку голем број на полиција.

„Одамна немам видено толку многу групи од Полска на едно гостување, ама и толку полициски сили. Па околу целиот стадион како да беше воена зона. Не знам како навивачите, барем тие хулиганите дошле до билети, ама веќе имаше предупредувања дека доаѓаат лица кои може да направат проблеми и на стадионот“, вели Роман Колтон, новинар од „Полсат Спорт“.

За среќа на трибините беше мирно, како ништо да немало пред стадионот и низ градот. Освен запалени факли и еден топовски удар, како и громогласно навивање, сѐ мина во нормален фудбалски амбиент. На крајот Полјаците и се израдуваа на победата на својата селекција.

Така и со многу импресии ја напуштаа Македонија. Фудбалски со победа за зацементирано прво место, а навивачки зацементирајќи го статусот на хулигани од светски крем. Импресии ќе понесат и натепаните и притворените од авантурата што ни ја приредија на сите.