„УЕФА лаже, ние не избравме сами, тие нè натераа да го доиграме мечот со Финска“

Се пишуваше многу за инцидентот на Кристијан Ериксен и за деталите околу прекинатиот и подоцна продолжен натпревар меѓу Данска и Финска, а во последното деноноќие излезе една скандалозна изјава на таа тема.

Данскиот напаѓач Мартин Брајтвајт вели дека доигрувањето на натпреварот, кој потоа го загубија од Финска со 0-1, не било нивен избор, како што првично се рашири низ медиумите низ Европа. Не било вистина дека Ериксен ги замолил да продолжат за него, напротив, тоа го направиле против своја волја.

„Точно е дека Ериксен ни пиша во нашата заедничка група на ‘Ватсап’. По натпреварот ни рече дека сме биле фантастични, ја прочитав пораката додека одев кон соблекувалнта. Ние би го победиле тој меч, сигурен сум во тоа, меѓутоа нè натераа, по сè што се случи да го доиграме. Не ја зборуваат вистината кога велат дека сами сме барале да продолжиме. Тоа е лага! Неверојатно е дека и понатаму имаме нула бодови, но се надевам дека ќе се квалиикуваме“, рече Брајтвајт.

Во својата изјава Брајтвајт, очигледно, сакаше да задржи ниво и не ја прозва УЕФА, која објави дека играчите имале опција да го одиграат натпреварот истата вечер или следниот ден, но тие сами инсистирале да продолжат тогаш. На тоа се надоврзаа наводите дека Ериксен им се јавил и ги замолил да играат за него.