Македонската футсал репрезентација загубија од лидерот во квалификациската група Босна и Херцеговина со 2-3 на многу сомнителен начин, на 12 секунди пред крајот на мечот, откако на Билал Јелиќ му беше признаен голот, но остана дилемата дали топката ја мина со цел обем гол-линијата.

На Македонија ѝ требаше најмалку бод или победа за колку толку да ја задржат теоретската шанса за второто место, зашто Србија и Романија утре го играат својот меч, но иако имавме реми во џеб, Јелиќ на 12 секунди пред крајот биеше, нашиот голман Петровски првично одбрани, но топката се истркала кон голот, а судиите признаа гол, иако на снимките не се гледа со стоотстотска сигурност дали топката со цел обем влегла во голот.

Македонија на чекор до реми дојде на 78 секунди до крајот кога Јакуп рамадан израмни на 2-2, па на празна мрежа имаа обид, кој им беше изблокиран, за на крај да го загубат мечот. Претходно Јосип Сесар во 13-та минута донесе водство за Босна, па израмни Дарко Ранготов во 23-та минута, а Мирко Хркач во 36-та погоди за второ водство, сѐ до возбудливата завршница со лош крај за футсал репрезентацијата на Македонија.

Црвено-жолтите останаа на двата досегашни бодови и практично обидот да играат на Евро 2022 завршуваат, иако за таков пласман дека е недостижен полека стануваше јасно уште после убедливиот пораз во минатото коло од Србија во Скопје со 1-6.

Сега на футсалците им останува само уште гостувањето кај Романија во Темишвар на 14 април за да го завршат овој квалификациски циклус.