Трансфер од соништата: Стојановски би можел да инкасира до 3,5 милиони долари во Катар!

Македонскиот интернационалец Георг Стојановски (22 години) од денеска и официјално е нов фудбалер на катарскиот тим Лусаил, каде што би можел да остане и до пет години по што би си заминал со (пре)пол џеб долари.

Според наши извори, тој потпишал петгодишен договор со вкупна вредност од 3,5 милиони долари, што го прави еден од нашите подобро платени интернационалци во моментов. Платата за првата сезона ќе му изнесува нешто под половина милион долари, додека за последната има загарантирани околу милион долари, суми кои воопшто не се за потценување, без разлика што станува збор за клуб од Блискиот Исток.

Стојановски, кој е внук на нашиот легендарен тренер Ѓоко Хаџиевски, кариерата ја почна во Вардар, а играше уште и за Тетекс, Шкупи, Работнички, Хата во ОАЕ. Минатата сезона во дресот на Спартак Варна на 25 меча постигна осум голови со три асистенции, додека новиот шампионат го почна пеколно со два гола и асистенција во првите два меча од бугарското првенство.