Шишковски: Со Австрија да го имаме најдобриот ден во историјата!

Вториот голман на македонската фудбалска репрезентација, Дамјан Шишковски, членот на кипарска Докса, бранеше во второто издание на Лигата на нации, а во пресрет на дебито на Македонија на Еуро 2020 и мечот со Австрија во недела од 18 часот посака националниот тим да го има – најдобриот ден во историјата.

Шишковски посочува дека нема притисок врз репрезентацијата, зашто сѐ исто е дали играат со Австрија или Украина или пак, Лихтенштај, Грузија или Гибралтар, но верува дека силната мотивација ќе биде доволна за успех на стартот на еврошампионатот.

„Сите ќе бидеме мотивирани во недела, без разлика кој ќе игра, кој е на клупа и мислам дека таа мотивација ќе биде доволна за да извлечеме добар резултат. За мене, добар резултат е победа. Австрија двапати нѐ победи во блиското минато, а иако загубивме во Скопје со 1-4, мислам дека научивме доста од тој меч. Сега не чека сосема поинаков меч, тргнуваме од нула и секој меч е различен. Австрија за нас сега е најважен меч, а се надевам дека ќе биде најдобриот во историјата на репрезентацијата. Ние сепак за секој меч се подговуваме на ист начин“, вели Шишковски.

Според бившиот голман на Работнички и дел од „златната младинска генерација“ која играше на Еуро 2017 во Полска, ќе решаваат детали, еден момент, една грешка.

„Дефанзивата секако дека ќе одлучува, но мислам дека решавачки ќе бидат некои детали, минимални грешки. Се надевам Австрија прва ќе згреши и ние ќе го казниме тоа. Тие се физички силни, играат германски фудбал, знаеме дека ќе бидат опасни после прекини. Но, се фокусираме да бидеме доминантни во дуелите, за да немаме проблеми во одбраната“, додава Шишковски.