Шевченко: Македонија заслужува респект – имаат добар тим и голем карактер!

Украинската легенда и актуелен селектор Андриј Шевченко посочи денеска пред утрешниот меч од 15 часот на Националната Арена во Букурешт, Македонија го заслужува сиот репспект и посочи дека мора да се многу внимателни на мечот, зашто не играат против лесен противник.

ОД БУКУРЕШТ,
НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Украина е нашиот втор противник на ова Еуро 2020, меч во кој и двете селекции влегуваат после пораз на стартот, на неуспех за некој од двата тима ќе значи крај за надежите да се помине групата.

„Пред нас е еден сериозен меч и мора да сме многу внимателни. Македонија има добар тим, тоа е екипа со голем карактер, свој стил на игра. Играат во формација 5-3-2, а се тим кои има исклучително добри противнапади и контри, а сѐ на се е податокот дека во последните години имаат многу добри настапи, победија и екипи кои се од самиот европски врв“, рече Шевченко.

Тој посочува дека атмосферата во тимот е одлична без оглед на поразот во Амстердам од Холандија со 2-3 и тоа откако се вратија после негатива од два гола, а го загубија мечот на пет минути пред крајот.

„Атмосферата ни е одлична, знаеме дека одигравме добар меч, а малку фалеше да стигнеме до добар резултат и многу позитивно сме настроени кон овој меч. Ние имаме потполно разбирање во тимот, сите ги знаеме целите и затоа нема потреба од некои посебни зборови како дополнителна мотивација. За овој меч ќе мора да сме многу добри психички подготовени, а мислам дека сме. Не е секоја година Европско првенство, така да секој фудбалер си има своја одговорност, има одговорност кон тимот за играта, па затоа нема потреба дополнително да ги мотивираме фудбалерите“, додава Шевченко.

Тој посочи дека против Холандија имале добри и лоши моменти, посочувајќи дека сега ќе се обидат сето тоа и да го подобрат.

„Трансформацијата од одбрана во напад и обратно ни беше одчична, но ни фалеше завршен пас во офанзива. Од друга страна, немавме притисок во средина, иако имаме добри играчи, така да имаме простор за напредок. Но, мора да знаете дека понекогаш не може сѐ да предвидите или покриете, но ние со Холандија одигравме добар меч, сакаме сега уште подобро“, потенцира Шевченко.