Сарајево му кажа довидување на нашиот Велкоски, ама не и – збогум!

Македонскиот фудбалски интернационалец, Крсте Велкоски, повеќе не е фудбалер на босанскиот прволигаш Сарајево, чија управа денеска го официјализира прекинот на договорот кој беше со важност до јуни 2023 година.

„Бордо“ тимот емотивно му кажа довидување на одличниот напаѓач, кој во два наврати го носеше дресот на овој клуб, но не и збогум бидејќи веруваат дека тој по завршувањето на кариерата сигурно ќе добие некоја функција во тимот од БиХ. Велкоски првпат во босанската престолнина стигна во јануари 2014 година и тоа од Работнички, по што по две години се пресели во Јужна Кореја на 18 месеци. Потоа, во летото 2017 година повторно се врати на „Кошево“, каде што со голем успех настапуваше изминативе пет години.

Капитенот на Сарајево со три шампионски титули и три освоени трофеи во Купот на БиХ си заминува како еден од најтрофејните во клупската историја. Зад себе има 235 настапи со 64 голови и 44 асистенции и е на делба на десеттото место на вечната листа најдобри стрелци на овој тим. Велкоски воедно е и странец со најголем број настапи, освоени трофеи, постигнати голови и остварени асистенции во историјата на „бордо“ тимот.