Прво ќе се игра Лига на нации, а потоа баражите – Македонија-Косово во ноември?

Македонската јавност ќе почека до 17 јуни за да дознае кога историскиот бараж со Косово во плејофот во Лигата на нации ќе се одигра после две одложувања, зашто Европската фудбалска унија (УЕФА) го презакажа состанокот на Извршниот комитет за тој датум, иако требаше клучните прашања за доигрување на сезоната, одложените мечеви и новата сезона да ги решава на 27 мај.

Но, додека се чека на „историскиот состанок“ за неполн месец, веќе се надѕира терминот кога

таа пресметка на патот кон Евро 2020 ќе се случи. Според последните најави, многу веројатно е дека ноември ќе биде месецот на одлука и шансата Македонија преку Косово, а потоа и гостување во Грузија или Белорусија да стигне до историски настап на континенталниот шампионат, кој поради пандемијата ќе се игра догодина од 11 јуни до 11 јули.

Пјерлуиџи Тами, директорот на националните селекции на Швајцарија веќе ги објави двата предлози на УЕФА за кои во Нион се размислува како да се склопи календарот за репрезентациите. Тоа што Тами го посочи за швајцарските медиуми е дека прво предност ќе добие втората сезона во Лигата на нации, а потоа би се играле баражите, иако има и втора опција, полуфиналето да биде во еден, а финалето во друг месец.

Првата опција, која некако погласно се најавува и низ други медиуми за Лигата на нации е да се прошири терминот за мечеви на три дуели во еден циклус (месец), па така во септември и во октомври би се играле по три меча од групите во Лигата на нации. Македонија е во група со Грузија, Естонија и Ерменија (УЕФА ќе треба само да ги изнајде точните термините по денови). После ова, би следел термин за два меча во ноември, кога би се играле баражите за селекциите што се борат за виза за ЕП, додека останатите би ги одиграле своите закажани пријателски мечеви, а тие беа одложени во март годинава.

Втората опција која Тами ја знае од консултациите на УЕФА со федерациите е Лигата на нации да се игра во нормален ритам според предвидениот првичен план, по два меча во месец (термините повторно може да бидат сменети), со тоа што во октомври и ноември би имало термин плус за по еден меч, во случајот баражи или пријателски. Ова би значело, ако се усвои, Македонија среде втора сезона во Лига на нации, во октомври би играла со Косово, а ако победи после завршување на сезоната во Лига на нации би го играла и финалето со Грузија или Белорусија. Но, ваквата опција е помалку веројатна, зашто селекциите кои ќе играат баражи (вкупно 16 во четири дивизии), би ја запоставиле втората сезона во групите, за да се концентрираат на баражите, а пријателските за останатите селекции би биле бесмислени и токму ова е „камен на сопнување“ во Нион.

„Мора многу внимателно да се размисли, многу внимателно да се пристапи и да се има согласност од сите федерации. Многу ќе зависи кога би се играле пријателските (во случајот со Швајцарија – н.з.), дали за време на сезоната во Лига на нации или да има послебен месец (тогаш би се играле и баражите – н.з.)“, вели Тами.

Српската федрација уште пред еден месец објави дека испратила писмо до УЕФА во кое го посочила ноември како идеален термин за бараж мечевите во четирите дивизии од плејофот од првата сезона во Лигата на нации. Инаку, во разговорите на УЕФА со федерациите, во две видео-конференции, биле посочени три опции за доигрување на баражите – септември/октомври, октомври/ноември или само во ноември. Очигледно сега септемвриската опција отпаѓа, а некако неомвриската е – најреална.

Македонија и Косово требаше да играат на 26 март, но пандемијата низ Европа и во Македонија го одложи мечот, кој потоа беше презакажан за во јуни, ама брзо потоа беше по вторпат одложен. Останува и нејасно дали мечот во ноември ќе се игра без гледачи или ќе има публика, но засега сите земји кои полека го рестартираат фудбалот најавија дека навивачи на трибините повеќе од сигурно е дека ќе нема до крајот на годинава.