Пандев: Со нетрпение го чекаме Косово, сакаме да ја израдуваме цела Македонија!

По победата над Израел од 1-0 на домашен терен, македонската фудбалска репрезентација заврши на третото место во групата што воедно е наш најдобар пласман во едни квалификации.

За тоа, свое видување по натпреварот даде и капитенот Горан Пандев, кој знае дека пропуштената шанса за пласман преку овие квалификации ја загубија во директните дуели со фаворитите Послка и Австрија.

Одигравме еден одличен квалификациски циклус. Некој на почетокот да ни кажеше за третото место, веднаш ќе прифатевме, но за да се пласиране на едно големо натпреварување мора да ги добиеме фаворитите. Во нашата група уште од почетокот тоа беа Полска и Австрија. Од нив по два пати загубивме и тука ни се намалија шансите за пласман преку овие квалификации, истакна Пандев.

Најдобриот македонски фудбалер се надева дека оваа генерација ќе го покаже најдоброто на натпреварите во Лигата на Нации, каде „црвено - жолтите“ во полуфиналето ќе ги одмерат силите против Косово.

Сега, во март, не очекува Лигата на Нации и се надевам дека преку ова натпреварување ќе ја израдуваме целата македонска јавност и ќе се пласираме на ЕП. Оваа генерација навистина заслужува да игра на едно големо натпреварување.Има време до март, најважно е сите да бидеме здрави и комплетни за тие натпревари. Знаеме дека ќе имаме голема поддршка од публиката, тие ќе бидат нашиот дванаесетти играч, а од нас се ќе зависи. Имаме одлични шанси да го добиеме Косово, но фудбал е, се може да се случи. Исто така и тие имаат квалитетна репрезентација, но оваа генерација ќе го покаже својот квалитет и се надевам на пласман на ЕП, додаде Горан Пандев.