Пандев: Италија е мојот втор дом, ама Македонија ми е во - срцето!

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, нема да биде дел од репрезентацијата во претстојниот полуфинален меч од бараж за пласман на СП 2022 против Италија, но и покрај тоа неговото размислување е исклучително ценето во италијанската јавност, поради нон-стоп добива прашања поврзани со овој дуел во Палермо за два месеци.

Фудбалерот на Џенова, кој на грандиозен начин, со настап на неодамнешното ЕП се збогува со жолто-црвениот дрес, смета дека „аѕурите“ влегуваат како фаворити во оваа пресметка, но дека нашиот состав никако не смее да биде отпишан.

„Италија е фаворит, со оглед што игра на домашен терен, а згора е и актуелен европски шампион. Но, Македонија верува во успех, ние, едноставно, нема што да загубиме. Луѓето веруваат во овие момци, кои ќе играат без притисок и ќе дадат сѐ од себе. Одлуката да се повлечам со настапот на ЕП беше најдобра солуција за сите. Јас во италијанската национална селекција? За мене, Италија е мојот втор дом, тука ми се и децата, но во срцето секогаш ќе ми биде Македонија“, изјави Пандев за „Раи Спорт“.