Омерагиќ беше домаќин на раководствотo на Црвенa Звезда

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ денеска имаше средба со раководството на српскиот шампион Црвена Звезда.

На средбата во „Куќата на фудбалот“ беа присутни Звездан Терзиќ и Светозар Мијаиловиќ од Црвена Звезда, како и спортскиот директор на Вардар, Игор Ивановски.

Омерагиќ изрази благодарност за поддршката и гестот што српскиот тим го даде за настраданите во пожарот во Кочани.

„Ни беше чест да бидеме домаќини на раководството на Црвена Звезда - еден од најдобрите клубови на нашите простори, но исто така, клуб што отсекогаш бил поврзан со македонскиот фудбал и народ. Црвена Звезда не е само спортски гигант, туку и модел на организација и професионализам кој треба да се следи. Доколку сакаме македонскиот фудбал да се доближи до европските стандарди, мора да учиме од најдобрите во регионот и да градиме партнерства. Пријателските односи се од клучно значење за иднината на нашиот фудбал“, кажа Омерагиќ.