Младата македонската фудбалска репрезентација на убедлив начин го започна новиот евроквалификациски циклус за пласман на Евро 2021 во Словенија и Унгарија, откако денеска надежната генерација ги распарчија Фарските Острови со 7-1 на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Младиот талент од Спортинг Лисабон Димитар Митровски денеска со хет-трик и асистенција беше фудбалерот на мечот, а Дарко Чурлинов (Келн) погоди двапати и имаше една асистенција, за „аматерите“ од северот на Европа да добијат вистинска лекција од макеоднските млади фудбалери.

Избраниците на Благоја Милевски денеска ја оправдаа улогата на фаворит, па стигнаа до лесна и убедлива победа, остварена со три гола во втората половина од првиот дел, кога Димитар Митровски со два гола и асистенција и Дарко Чурлинов со гол и асистенција направија комплетен пресврт во мечот, по водството на Фарските острови со гол од пенал преку Андреасен во 16-та минута од мечот.

Македонија тргна бавно и без идеја на стартот на мечот, па киксот после играта со рака на Агрон Руфати за водство на гостите, практично беше „шлаканица“ за отрезнување за македонските надежи, кои потоа ја преземаа контролата на играта и набрзина стигнаа до пресврт и ја осигураа победата. Во вториот дел Ердон Даци со гол со глава постигна и четврти гол на асистенција на Тодор Тодоровски, а стоперот Есмин Личина погоди и петти пат по центаршут од скратен корнер на Митровски по една мешаница пред голот на гостите. Во завршницата Митровски и Чурлинов погодија уште по еднаш во последните пет минути од мечот, за фантастичен старт на младата селекција до 21 година. 

Македонија очекувано тргна победнички во новиот циклус пред двете пресметки во октомври со Црна Гора на гости (10 октомври) и Казахстан во Скопје (15 октомври), мечеви кои ќе бидат далеку посериозен предизвик и поголем тест за капацитетот на оваа генерација да се бори во овие квалификации за повторување на историскиот успех од пред две години со настап на континенталниот шампионат.

Израел го победи Казахстан со 2-1 во првиот меч од денешната програма во нашата група, што е прв триумф во овие квалификации и за Израелците, додека Казахстан остана на шест бода од четири меча, а промашија пенал уште во првиот дел за да останат без бод од овој меч.