МТВ: Спортклуб нѐ прегази, понуди двојно повеќе од сите телевизии од СФРЈ – заедно!

Квалификациските средби на Македонија за пласман на ЕП 2020 и СП 2022 како и дуелите на „рисовите“ од новоформираната Лига на нации (2018 -2021) за првпат во историјата нема да бидат пренесувани во домашна телевизија со национална концесија, што е резултат на глобализацијата во овој бизнис и појавата на регионални играчи кои имаат – многу пари.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Добитник на ТВ-правата за средбите на македонската селекција, но и на националните тимови на сите други држави произлезени од поранешна СФР Југославија е спортската телевизија Спортклуб. За ова, таа, неофицијално, платила двојно повеќе од тоа што понудиле заинтересираните од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска и од Словенија – заедно.

„Учествувавме на тендерот на УЕФА на кој загубивме исто како и кандидатите од сите останати јавни сервиси од просторот на СФРЈ. Спортклуб едноставно нѐ прегази, понуди сума која беше недостижна за сите нас. Ова е само продолжување на трендот за отсуство на спортските настани од неспортските телевизии, нешто што веќе подолг период е присутно во клупскиот фудбал“, ни изјави Тони Стојановски, новинар од спортската редакција во МТВ.

Поголем проблем од тоа што странец ги доби правата за пренос на нашата национална гордост е фактот што тоа најверојатно води кон следење на овие натпревари со коментар на српски односно хрватски јазик. Спортклуб иако долги години се реемитува во нашата држава, сѐ уште не е обврзан својата програма да ја продуцира на македонски јазик, нешто пред што државата повеќе пати има замижано.

„Ние како спортски новинари повеќе пати сме го актуелизирале овој проблем, но тоа секогаш завршувало се префрлања од типот дека сме барале 'леб преку погача“ односно дена сме го збореле тоа само за да си најдеме некои 'тезги'. Нашите барања беа и се многу едноставни – Спортклуб и Арена да емитуваат на македонски јазик. Во тој случај воопшто не би било страшно ако некој од нив ги купи правата за наша репрезентација. Државата требаше и треба да каже: Повелете, емитирајте во Македонија, но на јазикот на оваа држава. Но, како и сѐ друго и оваа регулатива доцни. Но, ова со фудбалскиот национален тим ќе биде капак на сѐ ако мајсториите на Пандев, Елмас, Барди, Алиоски и останатите бисери се следат со коментар на туѓ јазик“, дополнува Стојановски.

Ова, сепак, не е дефинитивен крај на надежите дека средбите на Македонија ќе бидат следени и од тие што немаат кабелска телевизија односно не се претплатени на Спортклуб.

„Оставам простор дека во следниот период може да се дојде до интерен договор со носителот на правата да ја пренесе можноста за директен пренос за просторот на нашата држава. Тие ќе мора да најдат начин во исто време да продуцираат сигнал од средбите на сите селекции од поранешна СФРЈ што воопшто не е мала работа, што ни дава надеж дека може да влезе во таа игра и да добиеме можност да им овозможиме на нашите гледачи преку нашата фрекфенција да ги следат мајсториите на македонските фудбалски репрезентативци. Но, тоа засега е сѐ во доменот што би било кога би било“, завршува нашиот соговорник од МТВ.

Во минатото квалификациските средби на фудбалската репрезентација биле пренесувани на МТВ, но и на други ТВ-куќи со национална концесија како поранешна А1 и Сител.