Милевски: И Македонија ќе се прашува на теренот, иако играме со европскиот првак!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски после пеколната ждрепка за Македонија во која го доби европскиот првак Италија за противник во мундијалското бараж-полуфинале во овој плејоф, посочи дека нашата селекција е аутсајдер само на хартија, зашто на теренот и тоа како ќе се прашува зашто и во квалификациите досега нашата селекција покажа дека има голем квалитет.

Милевски ќе се судри со Роберто Манчини, човекот кој ја препороди Италија и ја однесе до европската титула летово на Еуро 2020, па нашиот селектор потенцира дека има многу голема почит кон својот колега, посебно за тоа што создаде модерна Италија со еден поинаков пристап од традиционалниот дефанзивен.

„Италија е актуелен европски првак и имаме голема почит за противникот, посебно за селекторот Манчини. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и тренер и сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија, зашто под негово водство сведоци сме на една нова и модерна фудбалска Италија, која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија, а сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, ама на терен за исходот ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на овие квалификации дека имаме квалитет и како и сите други учесници во баражот ќе се потрудиме тоа да го потврдиме“, вели Милевски

Тој потенцира дека Македонија ќе се потруди да биде и тоа како конкурентна на мечот со фавориот, а без оглед што ќе гостуваме на Апенините, може да се спротивстави на секој противник.

„Италија игра сосема поинаков фудбал и тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се прилагодуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети и нѐ случајно сме во баражот. Ќе се потрудиме да бидеме конкурентни на овој меч. Македонија покажа дека без разлика дали игра дома или на гости, може да се спротивстави на секој противник. Се разбира дека ќе ни недостига поддршката од публиката, но такви се околностите и тоа не може да го смениме“, додава Милевски