Македонија се врати на најдобриот пласман во последните осум години (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација се најде на 68-то место на најновата ФИФА ранг-листа објавена денеска.  

Во квалификациите за Европското првенство во 2020 година тргнавме со победа против Летонија (3-1) и реми на гостувањето кај Словенија (1-1) што придонесе за овој скок на листата, па го повторивме најдобриот пласман во изминатите осум години. Нашиот национален тим сега има 1350 бодови и се наоѓа зад Обединетите Арапски Емирати, а пред Гвинеја.

Во нашата квалификациска група за ЕП ги имаме најголемиот пад и најголемиот скок овој месец. Израел напредуваше осум позиции и сега е на 84.место, додека Австрија назадуваше 11 позиции и сега е 34-та на листата. Полска и натаму е најдобро рангирана на 20-тото место, Словенија е 63-та, додека Летонија е 134.место.

На врвот на листата останува Белгија, пред Франција и Бразил. Англија напредуваше едно место е сега е четврта фудбалска сила, додека Хрватска падна на петтата. Најдобрите 10 ги комплетираат Уругвај, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска, додека Аргентина е 11-та.