Македонија од Летонија може да прими гол само ако си дадеме – автогол! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) во Рига ќе го одигра шестиот меч во овие квалификации против фенерџијата во групата Летонија, со која во историјата само двапати досега сме играле и тоа двапати во Скопје, еднаш на пријателски меч, а последниот пат во март годинава на стартот на овој евроквалификациски циклус.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Македонија очекувано има две победи, ама интересно и два примени гола и тоа што е најинтересно, Летонец ни нема дадено гол. Македонија на 5 март 2014 година победи со 2-1, а на 21 март годинава со 3-1. Во двата триумфи, двапати ја имаме погодено сопствената мрежа.

Во првиот меч, пријателскиот пред пет години, Македонија стигна до победа со гол од пенал на Агим Ибраими во 72-та минута, откако Јован Костовски ја најави победата, но Даниел Георгиевски во 65-та си постигна автогол. Од овој меч со Летонците, кој го водеше Бошко Ѓуровски во моментов во селекцијата се само четворица фудбалери Иван Тричковски (единствен стартер на тој меч), Кире Ристевски, Крсте Велкоски и Стефан Спировски (сите беа резерви).

Во март годинава, Македонија победи со два гола на Елиф Елмас, сефте погодоците на македонскиот бисер за најсилната селекција, и тоа откако како резерва влезе после 20-на минути игра на местото на повредениот Ферхан Хасани, а потоа ги постигна головите во 29-та и 90+3 минута. Победата ја најави Езџјан Алиоски со гол во 11-та. Три минути пред крајот Дарко Велковски си постигна автогол.

Така во 180 минути против Македонија засега нема Летонец, кој успеал да ја погоди нашата мрежата, а желбите се и вечерва да не успеат во таа намера, но и нашите дефанзивци да бидат посконцентрирани за да не ги повторат „грешките“ од претходните два меѓусебни мечеви.