Македонија – Косово и официјално без гледачи!

Историскиот меч за пласман на Евро 2020 на Македонија против Косово во баражот за пласман на континенталниот шампионат и официјално ќе се игра без гледачи, објави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Дуелот од баражот е закажан за 26 март од 20.45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.

На седницата на Влада по препораките од комисијата за заразни болести, Филипче денеска информираше дека се забрануваат спортски настани со присуство на публика во следните 30 дена, што автоматски значи дека Македонија – Косово ќе се игра на празни трибини.

„Се забрануваат секакви спортски настани со публика во следните 30 дена на територијата на цела Македонија. Се забрануваат секакви активност во градинки, основни и средни учичишта во слендите 14 дена, како и јавни собири на отворено и затворено со над 1.000 луѓе“, објави Филипче на прес-конференцијата денеска.

Покрај Македонија – Косово кој требаше да биде спектакл и европскиот рвак Вардар сега пред празна сала ќе треба да ги одигра своите мечеви со Нексе во реванш четвртфиналето во СЕХА, како и со Пик Сегед во осминафиналето во ЛШ.

ФФМ во минатата недела за два дена ги продаде сите влезници, но сега ќе мора да им ги врати парите на сите што купија влезница за овој меч.