Македонија еднаш гостуваше во Италија и извади реми со кое почна фудбалската ренесанса! (ВИДЕО)

Македонија го доби најтешкиот ривал за полуфиналниот мундијалски бараж во најтешкиот „фајнлфор“ турнир од трите во овој необичен мундијалски плекоф за пласман на СП во Катар, но црвено-жолтите имаат убави спомени од единственото гостување кај актуелниот европски првак Италија со ремито 1-1, со кое почна и нашата фудбалска ренесанса.

Пред четири години, на 6 септември 2017 година, кога се склопи оваа генерација во македонската репрезентација, Македонија извади реми во Торино каде Александар Трајковски на 13 минути пред крајот даде гол за голем бод, откако Џорџо Кјелини донесе водство за „аѕурите“.

На тој меч игравме со Столе Димитриевски, Езџјан Алиоски, Висар Муслиу, Стефан Ристовски, Дарко Велковски (од 75. Ѓоко Зајков), Енис Барди, Стефан Спировски, Ферхан Хасани (од 64. Александар Трајковски), Марјан Радески, Горан Пандев (од 80. Иван Тричковски), Илија Несторовски. Селектор беше Игор Ангеловски, а од оваа селекција сега ги нема само Хасани, Радески, Пандев и Тричковски кои замина во репрезентативна пензија и Несторовски кој неодамна се врати после седуммесечната пауза поради операцијата на лигаментите на коленото, но веројатно ќе се врати во тимот за мартовските баражи.

И тоа реми за Италија беше кобно во трката со Шпанија за директен пласман, па четирикратсниот светски првак мораше во бараж кој потоа не го помина во двомечот со Шведска, но за Македонија тој бод беше клучен за историските успеси кои следуваа. Освоениот бод на Македонија ѝ донесе привилегија да биде носител во првата сезона во Лигата на нации, преку која стигнавме до плејофот за пласман на Еуро 2020 и го искористивме за пласман на континенталниот шампионат, што беше деби за нашата селекција на големите турнири.

Во септември пред четири години најголем дел од златната младинска генерација на Благоја Милевски, сегашниот селектор влезе во А-тимот, па резултатите почнаа да доаѓаат, првото место во Лигата на нациите го обезбедивме и потоа преку Косово и Грузија дојдовме до ЕП. Сега ждрепката сакаше повторно да се вратиме во земјата од каде почна сѐ во нашата ренесанса, храбро да се бориме, иако несомнено е дека Италија ќе ја има улогата на фаворит.