Летонија немаше сила за сензација: Левандовски и Глик ја скршија во последните 15 минути (ВИДЕО)

Првиот фаворит во нашата група, селекцијата на Полска се измачи денеска за да го победи аутсајдерот Летонија, па дури во последните 15 минути стигна до триумф за максимален ефект од шест бода по првите две кола во овој циклус за Евро 2020.

Полјаците се мачеа за да го скршат отпорот на Летонија, која пред само три дена Македонија прелесно ја скрши и стигна до победата. Но, овојпат тимот од Балтикот успеа да одолее на сите напади, но не и да направи сензација, па уште повеќе да ја сплетка групата и најмногу на наша радост.

Роберт Левандовски во 76-та и Камил Глик во 84-та минута погодија во мрежата за втор триумф на Полјаците, кои во првото коло славеа со 1-0 на гости кај Австрија. Полска со триумфот сега има шест бода, Израел и Македонија по четири, Словенија има два, а Австрија и Летонија се без бодови.