Канатларовски: Фудбалерите мора да сфатат – Македонија секогаш треба да им е на прво место!

На 11 и 15 октомври, младата македонска репрезентација ги игра последните два натпревара од квалификациите за Европското првенство во 2025 година, против Молдавија и Грузија.

Шансите за второто место одамна се изгубени, но последните два меча треба да послужат за поправка на впечатокот, а пред се за дополнително вложување на пласманот бидејќи Молдавија е на само два бода зад нас. Македонија е втора најнеефикасна репрезентација во групата, со само пет постигнати гола на осум меча, а полош од неа е единствено Гибралтар.

Во пресрет на последните два меча, селекторот Драган Канатларовски се обидува да го крене моралот кај фудбалерите затоа што и тие се свесни дека тие немаат големо резултатско значење.

„Натпреварот со Молдавија го дочекуваме со посебна желба и мотивација, со оглед на тоа што се случуваше на првиот меѓусебен наш дуел каде што забележавме несреќен пораз. Се надевам и верувам дека ќе успееме да одиграме квалитетно, борбено и максимално пожртвувано, остварувајќи победа против незгоден ривал. Сигурно дека нема лесен противник во овие квалификации и ниту еден меч не може да се добие лесно, па така ќе биде и на следните дуели против Молдавија и Грузија.

За овој собир играчкиот кадар ќе претрпи промени. На наше големо задоволство двајца наши играчи, Марио Илиевски и Андреј Стојчевски се повикани во А репрезентацијата на Македонија. Имаме 10 фудбалери кои подолго време се носители на оваа генерација и 10 млади фудбалери кои полека ќе ги подготвуваме за следниот квалификациски циклус што следува. Што се однесува до Грузија, не очекува еден тежок натпревар, на кој ќе добиеме вистинска слика за нашиот тим.

Секој повик за репрезентацијата, сам по себе претставува голем мотив. Играчите треба да разберат дека националниот тим секогаш е на првото место и треба со голежа желба и посветеност за се игра и бори за Македонија, без разлика кој е противникот на другата страна“, рече Канатларовски.

Подготовките на У21 репрезентацијата почнаа денеска, а првиот меч е в петок против Молдавија во тренингот центарот „Петар Милошевски“.