Пласман на Евро 2020 преку квалификациите за Македонија остана само сон, откако вeчерва Полска успеа да н\ скрши во завршната четвртина од мечот и да слави со 2-0 за да си ја завери својата виза, а Австрија со триумфот во Словенија практично да ни избега на речиси недостижни пет бода на две кола до крајот на овие квалификации.

Македонија дојде во Варшава да не загуби, да остане во трката за пласман на ЕП, но од сите планови ништо на крај не се оствари. Полјаците, кои доминираа фудбалски на теренот, успеаа во завршните 16 минути да нè скршат со два гола за шест минути преку Франковски и Милик, а ниту Словенија не ни помогна за да ја сопре Австрија за да останат колку толку достижни и реални шансите за евентуално втората виза која носи на Евро 2020.

Македонија имаше среќа во 30-та и 50-та минута, кога Зиелински и Шмински ги погодија пречката односно дирекот, но до крај не успеавме да се одбраниме, иако во ситуација кога Австрија водеше ниту бод многу немаше да ни направи услуга во мечот. На крајот, од никаде, акцијата на Криховијак со Левандовски и дриблингот на бундеслигашката ѕвезда му овозможи на Франковски лесно да реализира. Шест минути подоцна, „резервистот“ Милик погоди од 20 метри за да ја завери победата и да ни го нанесе третиот пораз во овие квалификации.

Македонија со овој пораз и практично загубените квалификации останува со втора шанса преку плејофот во март идната година во Лигата на нации за да обезбеди пласман на Евро 2020. Полуфиналето го играме во Скопје против Косово, ако не се пласира северниот сосед директно на ЕП, што и за нив е доста тешко откако Чешка ја победи Англија или евентуално со Белорусија, ако Косовците направат чудо до крајот на квалификациите.