Еден месец до ЕП: Ангеловски ги сложува коцките, ама составот е веќе - познат!?

Точно еден месец до официјалното деби на Македонија на Европското првенство летово, фудбалската јавност со нетрпение го чека изборот на селекторот Игор Ангеловски на 26-те избраници, кои ќе ги поведе на континенталниот шампионат, иако според сите најави и очекувања преголеми изненадувања на списокот скоро и да ќе нема.

Ангеловски после пет ипол години на клупата на селекцијата со која стигна до пласман на Евро 2021, во последните две години, почнувајќи од евроквалификацискиот циклус за пласман на континенталниот шампионат во март 2019 година, до мартовскиот почеток на мундијалскиот циклус за СП во Катар идната година, севкупно искористи 40 фудбалери, но половина од нив, вкупно 20 беа буквално на секој список, а само мал дел поради повреди пропуштале еден до два собири (Велковски, Ристовски, Адеми...).

„Предност секако ќе имаат фудбалерите кои го понесоа товарот за да се избори тој историски пласман на ЕП“, рече неодамна Ангеловски.

После ова може да се заклучи дека најстандардните практично и имаат сигурно место на списокот, а од 20-мината, на располаѓање ќе има вкупно 19 играчи, откако првиот центарфор Илија Несторовски имаше тешка повреда неодамна и операција на лигаментите на коленото, поради што веќе сигурно е дека нема да игра на дебито на ЕП за Македонија.

Ова значи дека Ангеловски на 19-мината најстандардни,кои имаат над 75 отсто повици во изминативе две годиниќе треба да го (до)пополни списокот со уште седум имиња, а од тоа што се сврте низ националниот тим, веројатно се наѕира комплетниот состав со кој ќе заминеме во Букурешт.

ГОЛМАНИ
Постојано повикувани:
Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар)
Биле дел од селекцијата: Ристе Јанков (Работнички), Мартин Богатинов (Етникос Ахна), Даниел Божиновски (Силекс), Дејан Илиев (Арсенал, Англија)
Кандидат: Филип Гачевски (Енозис, Кипар)

Кога станува збор за голманската позиција, Димитриевски и Шишковски се сигурни два голмани, а најверојатно Ристе Јанков, доскорешната младинска „единица“ и Мартин Богатинов би го дополниле списокот, иако ако се гледа според формата во игра би требало да биде и екс-вардарецот Филип Гачевски, кој брани одлично на Кипар, но тој веќе многу одамна не е ни во фокусот кај селекторот. Екстра-талентираниот Дејан Илиев, кој има најголем број на повици после Димитриевски и Шишковски, во изминатиов период воопшто не брани и практично со тоа е „избришан“ од селекцијата, а силексовиот чувар Даниел Божиновски, кој два пати се најде на списокот, сепак тешко дека би влегол во екипата, покрај Јанков, кој е поголема македонска перспектива.

ОДБРАНА
Постојано повикувани: Стефан Ристовски (Динамо, Хрватска), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Висар Муслиу (МОЛ Фехевар, Унгарија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Ѓоко Зајков (Шарлоа, Белгија), Езџјан Алиоски (Лидс, Англија)
Биле дел од селекцијата: Стефан Ашковски (Ботошани, Романија), Кристијан Тошевски (Тирана, Албанија), Томе Китановски (Македонија ЃП), Марио Младеновски (Ботев, Бугарија)
Кандидат: Себастијан Ерера (МТК Будимпешта, Унгарија)

Дефанзивната линија од поодамна е скроена и најверојатно еден дополнителен фудбалер настрана стандардните 23 би влегол на неа. Во формацијата со три стопери, најголем проблем е што нема „бекап“ за Дарко Велковски, а без него последната линија е далеку понекомпактна. Ангеловски на десен стопер ги има Зајков и Бејтулаи, како опција и Стефан Ристовски (играше таму со Германија), а на лев стопер се Муслиу и Кире Ристевски. Бејтулаи впрочем е и резервна опција и за десен бек, како и Ристевски за лев, а ако затреба на десен бек би можел да одигра и Бобан Николов, неуморниот борец чија природна позиција е во средина на теренот, но секојпат се ставал во функција на тимот, дури и да игра на свои неприродни позиции.

Од тоа што како дополнување го имал и користел Ангеловски, евентуално Стефан Ашковски би можел да влезе во составот, како резервна опција за лев бек каде Езџјан Алиоски е неприкосновен, најмногу поради одличната форма во последно време. Кристијан Тошевски, пак, во последните две години има најмногу повици настрана стандардната седморка, но фактот дека десната бековска позиција практично е пополнета, тешко е за верување, но не и невозможно да се најде на списокот. Натурализираниот Комумбиец Себастијан Ерера, исто така би бил кандидат за лев бек, но прашање е дали селекторот за најважниот турнир би „ризикувал“ со повик за фудбалер кој допрва треба да се привикне на националниот тим.

СРЕДЕН РЕД
Постојано повикувани:
Аријан Адеми (Динамо, Хрватска), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Бобан Николов (Лече, Италија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Елиф Елмас (Наполи, Италија)
Биле дел од селекцијата: Ферхан Хасани (Партизани, Албанија), Енур Тотре (Шкендија), Дарко Мицевски (РФС Рига, Летонија), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Марјан Радески (Академија Пандев), Душко Трајчевски (Докса, Кипар)
Кандидат: Давор Здравковски (АЕЛ Лимасол, Кипар)

Адеми, Барди, Елмас, Николов, Спировски е петорката која е постојано е во составот и практично незаменлива во средниот ред. Адеми и Барди се прва опција за центрачните позиции за врска, Николов и Спировски се резервни опции, иако бескомпромисниот Николов може да одигра и на други, па и во дефанзива и во одој дел веројатно Ангеловски ќе дополнува со повеќе фудбалери. Веќе извесно е дека од останатите што биле повикувани Ферхан Хасани ќе биде еден од нив, а секако и поранешниот младински репрезентативец Тихомир Костадинов за да се добие повеќе на широчина. Во некои поинакви времиња Енур Тотре веројатно би добил повик, но поради неиграњето пролетва практично е пречкртан, па останува изборот на Ангеловски да избере двентуално уште еден-два фудбалери – од Марјан Радески, Дарко Мицевски или да „изненади“ со екс-младинскиот репрезентативец Давор Здравковски. Во оваа тројка би требало Здравковски да има предност, бидејќи игра одлично на Кипар, а во зависност од изборот до 26 играчи можеби и да се најде место и за него или за Радески, кој беше дел од селекцијата во март.

НАПАД
Постојано повикувани:
Горан Пандев (Џенова, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ), Илија Несторовски (Удинезе, Италија – отпаѓа поради повреда)
Биле дел од селекцијата: Даниел Аврамовски (Кајсериспор, Турција), Кире Маркоски (Академија Пандев), Љупчо Дориев (Шкендија), Дарко Чурлинов (Келн, Германија), Агим Ибраими (Кукс, Албанија)
Кандидат: Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка)

Прво прашање кај напаѓачите е кој на местото на Несторовски? Кога Адис Јаховиќ од поодамна е отпишан, Ангеловски нема преголем избор за „деветка“, односно разбивач во шеснаесетник. Ако се гледа по формата во изминатиов период, Даниел Аврамовски од турска Коњаспор би требало без проблем да добие место, а најверојатно и повратникот во националниот тим после пет години за мартовските квалификации Агим Ибраими. Но, ни првиот, ни вториот не се фудбалери што се централни напаѓачи, па единствен избор на таков профил е доскорешниот младински репрезентативец Милан Ристовски, братот на Стефан. Дарко Чурлинов од германски Келн можеби и би заслужил место, но останува фактот дека треба да е лидер на новата генерација на младата селекција, а Љупчо Дориев иако имаше низа настапи, сепак последен во изборот покрај претходно споменатите три кандидати.

На селекторот е да избере и тој го има последниот збор, а кој ќе повика многу брзо ќе биде познато, зашто од 26 мај стратува кампот на националниот тим, а на 8 јуни ќе се патува во Букурешт, каде на 13 јуни следи дебито во пресметката со Австрија. Словенија е единствениот тест на 1 јуни во Скопје после што ќе биде познато кои 23-ца ќе бидат главниот тим, а кои тројца ќе бидат на резервниот список за „недај боже“ и практично повеќе туристи на континенталниот шампионат.

Од тоа што Ангеловски досега го избираше и некои кандидати кои играат добро, селекторот за романската престолнина би требало да поведе четворица голмани, осум фудбалери во одбрана, а седум или осум од среден ред односно шест или седум напаѓачи, во зависност што ќе избере повеќе во кој дел од овие позиции од тоа што му е достапно, а и со фактот дека Аврамовски и Ибраими се фудбалери кои практично може да бидат вметнати или кај играчите за врска или кај напаѓачите.

Според најавите идната недела Ангеловски треба официјално да ги соопшти 26-мината избраници, кои и практично ќе ги поведе на ЕП, освен ако некој од нив не отпадне поради повреда, што секако би било хендикеп за националниот тим при некое такво сценарио.

МОЖЕН СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕВРО 2021

ГОЛМАНИ (4): Димитриевски, Шишковски, Јанков, Богатинов

ОДБРАНА (8): С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Зајков, Бејтулаи, Ристевски, Ашковски

СРЕДЕН РЕД (7): Барди, Адеми, Николов, Спировски, Елмас, Хасани, Костадинов

НАПАД (7): Пандев, Тричковски, Трајковски, Стојановски, Велкоски, Аврамовски, М.Ристовски/А.Ибраими