Дончевски: И сега да сум селектор, ќе го кажам истото: За Македонија!

Пред 25 години легендата Андон Дончевски седеше на клупата како прв македонски селектор, кога во Крањ почна да се пишува фудбалската историјата на независна Македонија, кога се удрија темелите на фудбалската репрезентативна независност. Две ипол децении по историскиот прв меч, Дончевски повторно е во Македонија за да го прослави големиот јубилеј, па моментот го искористи вчера, за да ги посети актуелните репрезентативци и да ги поздрави.

Доби бурни аплаузи од фудбалерите, меѓу кои половина не беа ниту родени, кога Дончо седеше на клупата и диригираше на тој епски и историски меч со триумфален почеток на македонската фудбалска репрезентација.

„Како наближува денот, чувствата ми се изедначуваат како со првиот меч во Крањ. Тогаш газевме преку трње, формиравме репрезентација во едни тешки економски услови...“, почнува Дончевски.

Крањ, 13 октомври 1993 година, Македонија почна да пишува историја, а за почеток фантастичен меч и победа со 4-1 против Словенија.

„Тоа беше величенствен момент. Биевме битка за Македонија, за целиот македонски спорт. Тоа беше еден предизвик за сите нас, за мене, за фудбалерите... Сите се израдувавме на иднината што ја очекувавме и што сакавме да ни се оствари. Тогаш, тој ентузијазам што нѐ водеше придонесе да дојдеме до вакви услови и вакви резултати. И се надевам дека во иднина сето ова ќе биде – сè подобро и подобро“, додава Дончевски.

По 25 години, Македонија ја чека нов предизвик со два меча на патот кон европските височини. Победа в сабота со Лихтенштајн и идниот вторник со Ерменија ќе значи речиси завршена работа за првото место кое води во плејофот за пласман на Евро 2020.

„Кога почнавме газевме по трње, а сега гледам фантастични услови. Услови како што има во Австралија и Европа. Со вакви услови резултатот нема да изостане, ама мора да се чека моментот. Добро е што доаѓа Лихтенштајн, а потоа да победиме со Ереван и ќе бидеме на вистинскиот пат“, вели Дончо.

Иако е веќе од поодамна надвор од фудбалот, кога станува збор за Македонија, вели и сега да сум селектор исто ќе ги мотивирам – ајде јунаци за Македонија.

„Сега да сум селектор на фудбалерите ќе им кажам да играат со љубов кон фудбалот и кон Македонија и да постигнуваат многу добри резултати, како на индивидуално поле, така и за репрезентацијата. Им посакувам голем успех на овие јунаци подготвени да го афирмираат македонскиот фудбал“, завршува Дончевски.