„Дојдовме да ви дадеме четири гола, а потоа – ќе ја освоиме Европа!“

Англиската фудбалска репрезентација насекаде каде што игра има помош од своите верни навивачи, па ништо поразлично нема да биде ниту вечерва, со оглед што се очекуваат околу 3.000 фанови на „Гордиот Албион“ на трибините на арената „Тодор Проески“ каде што ќе ги одмери силите против Македонија.

Тоа е последен меч за двете селекции од квалификациите за ЕП 2024, во пресрет на кој англичаните веќе го имаат обезбедено првото место во групата, додека нашите момци се „сигурни“ на претпоследната позиција на табелата во конкуренција уште на Украина, Италија и на Малта. Ваквата голема бодовна разлика, но и фактот што првиот меч на „Олд Трафорд“ заврши со убедлив триумф на Англија со 7-0 е причината што навивачите кои дојдоа во Скопје се (пре)самоуверени во пресрет на вечерашната пресметка. Но, тие веруваат и дека овој тим на Герет Саутгејт има квалитет да излезе како победник и на ЕП в година во Германија.

„Дојдовме да ви дадеме четири гола. Пресилни сме за вашата репрезентација. А, потоа, одиме кон европската титула која сигурен сум нема да ни побегне овој пат“, ни изјави Најџел, кој уште од денеска претпладне се стационира на скопскиот Кеј очекувајќи го дуелот на арената со кригла пиво во раката.

Англиските навивачи веќе полека се стационираат во кафулињата крај реката Вардар, каде што се загреваат за песните кои им се во стандардниот репертоар на трибините. Тие (за)вчера и денеска го окупираа Скопје доаѓајќи не само преку нашиот аеродром, туку и преку Тирана и Приштина, до каде што имаат евтини летови. Тие освен што се воодушевија од „смешните“ за нивни услови цени на пивото и храната, изразија воодушевеност од убавините на нашиот град, пред се од Водно и Милениумскиот крст, но и од Старата чаршија, Кањонот Матка и од споменикот на Александар Македонски.

Поради нив и нивната безбедност, МВР реши целосно да го затвори Кејот за македонските граѓани.