Иако имаа високи дострели и цели, уште преку овој квалификациски циклус да обезбедат виза за Евро 2020 и да не го чекаат мартовскиот плејоф идната година обезбеден преку Лигата на нации, Македонија остана во просечноста, па потроши уште едни квалификации со вечерашниот пораз од Австрија со 1-4 во четвртото коло во евроквалификациската група.

После само четири кола, со само една победа во три домашни мечеви, Македонија повторно ќе има неуспешни квалификации и само чудо би било ако оваа генерација успее да се врати во трката за самиот врв и за местата кои водат на континенталниот шампионат. Ако пред три дена, Полска нѐ победи со еден удар, кој не беше вистински шут, денеска избраниците на Игор Ангеловски добија вистинска фудбалска лекција, со два гола на Марко Арнаутовиќ и по еден Валентино Лазаро и Стефан Лајнер.

Австрија вечерва фудбалски нѐ растури. Можеа до врв да нѐ наполнат, зашто акциите им се редеа како на филмска трака, користејќи ја дезорганизацијата и тромавоста, па од втор план секојпат имаа играч кој ќе пробие, кој ќе искреира шанса, а само лошата реализација, одличниот Столе Димитриевски, кој спаси четири зицери и на моменти препотентноста на австриските напаѓачи ни помогнаа да не доживееме убедлив пораз.

Одамна Македонија не била така лоша и безидејна, без фудбалска дрскост, агресивност, а на моменти и тотално недисциплинирани форсирајќи дриблинзи, без тимска игра, па сето тоа Австрија знаеше на најдобар начин да го искористи и после двата воведни порази да се врати во игра за местата кои водат на Евро 2020.

Идејата на селекторот Игор Ангеловски да игра со два стопери, наместо со три (Висар муслиу не можеше да игра поради црвениот картон со Полска) се покажа како момент кој им го отвори патот на Австријците за победа, зашто одбраната со четворица во линија со двата офанзивни бекови им отвори толку простор на Австријците, што тие едноставно создадоа еден куп шанси.

Почна уште во 40-та секунда кога Марко Арнаутовиќ излезе сам пред Столе Димитриевски, но македонскиот голман спаси чист гол, а потоа Димитриевски одбрани двапати во пет секунди на Марсел Сабицер и Стефан Лисанкер (23-та минута), кога веќе Македонија поведе со подарок гол од Мартин Хинтерегер во 17-та. Но, погодокот не ги урна Австријците, па тие продолжија да притискаат, а нѐ казнија по промашувањето на Горан Пандев од пет метри по пола час игра, во 36-та минута со гол на Валентино Лазаро откако 30 метри долгото додавање го претвори во гол.

Пред крајот на мечот, Сабицер имаше шанса и комплетно да го сврти мечот, но дирекот нѐ спаси по неговиот удар откосо, а во вториот дел Австријците тотално доминираа, во периоди не можевме да излеземе од шеснаесетникот, а Арнаутовиќ од пенал по стартот на Егзон Бејтулаи над Сабицер донесе водство за Австрија во 63-та минута. До пеналот, пет шанси имаа Австријците, но македонската одбрана со крајни напорти (еднаш и Димитриевски со парада) успеваше со судни маки да спречи погодок.

Во завршницата, кога Македонија се мачеше воопшто да направи шанса, Арнаутовиќ прво погоди во 82-та за практично да ја обезбеди победата, а Лајнер четири минути подоцна донесе и убедлив триумф за резултатот практично и реално да ја отсликува состојбата на теренот во овие 90 минути.

Со овој пораз, Македонија со четири бода по четири кола ќе го дочека септемвриското продолжение на овој циклус, ама во шесте преостанати мечеви дури четирипати ќе гостува, а дома ќе ги дочека само Словенија и Израел.