Ангеловски ја смени формацијата, па со една измена и со Елмас оди по победа со Австрија (ФОТО)

Македонскиот селектор Игор Ангеловски направи само една измена во тимот со кој се соочи со Полска и ја смени формацијата, па од почеток тргнува Аријан Адеми во систем 4-4-2, а изненадување е Елиф Елмас, за кого селекторот најави вчера дека најверојатно нема да игра македонскиот бисер поради оток на зглобот.

Ангеловски ја менува формацијата од 3-5-2 со Полска во 4-4-2, па сега Дарко Велковски и Егзон Бејтулаи остануваат единствени стопери, кога го нема Висар Муслиу поради црвениот картон и практично на местото на дефанзивецот на Шкендија влегува Адеми во средниот ред како поддршка на Енис Барди, Бобан Николов и Елиф Елмас. Во нападот остануваат Илчија Несторовски и Горан Пандев, а по бековите Стефан Ристовски и Егзијан Алиоски.

Македонија по три кола има победа, реми и пораз и вечерва против Австрија има шанса да се врати на победничкиот колосек и да остане во најтесна битка во овие евроквалификации, за предвреме да не се вратиме во просечноста и уште така рано да ја загубиме трката за тоа второ место. Македонија од септември до ноември ќе има уште шест меча да одигра, но четири од нив на гости, меѓу кои пресметки со Полска и Австрија, кои се главни фаворити во оваа група според рејтингот од ждрепката.