„Алиоски е провокатор, ФФМ нѐ насамари, а на крај – само Арнаутовиќ настрада!?“

Откако австрискиот Србин, Марко Арнаутовиќ доби суспензија од еден меч денеска после инцидентот за пцовката со националистички признак „да ти ја е*ам макјата албанска“, Австрија е бесна на санкцијата и тоа во пресрет на утрешното дерби со Холандија во битката за првото место во групата Ц од 21 часот.

Австрија ќе мора во Амстердам да се соочи без својот најдобар напаѓач, чие присуство на теренот секогаш е продуктивно за националниот тим, па откако УЕФА го казни голгетерот, првиот човек на австриската федерација, Лео Виндтнер бесно ја прокоментира одлуката, па почна да фрла дрвја и камења кон Езџјан Алиоски, ама и кон Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Според Виндтнер, после „инцидентот“ меѓу Алиоски и Арнаутовиќ, не бил казнет провокаторот, а не му е јасно зошто австрискиот центарфор е суспендиран, кога проблемот пред завршувањето на мечот во неделата, потоа бил испеглан во соблекувалната кога двајцата фудбалери разговарале и си подале рака.

„Јас не можам да разберам и тешко ми е да го разберам, како може провокаторот Алиоски да не биде казнет, а казна да добие само нашиот фудбалер Марко Арнаутовиќ“, вели Виндтнер.

Но, тој уште повеќе удри по нашата куќа на фудбалот и првиот човек Муамед Сејдини, зашто го изненадила пријавата за случајот, по што беше поведена истрага, иако според австрискиот претседател, работата била разрешена по мечот.

„Пријавата од Македонија нѐ изненади, зашто после мечот двајцата фудбалери целата ситуација ја решија, разговараа, си подадоа рака. Јас разговарав со првиот човек Муамед Сејдини, ми честиташе за победата и ништо не најавуваше дека ќе нѐ пријават. Односот со македонската федерација не е нарушен, а сето ова веќе е завршена работа. Сакаме сега само да се концентрираме на тоа што ни следи“, додава првиот човек на австрискиот фудбал.

Австријците тврдат дека со жалбата и одговорот на пријавата успеале да издејствуваат за Арнаутовиќ најблага казна, само за навреда на противнички фудбалер, иако се најавуваше и жестока казна за расистички и национални навреди и суспензија од десет меча, па и повеќе.