Зошто трансферот на Роналдо е „бизнис зделка“ во која – сите загубија?!

Најдобриот светски фудбалер Кристјано Роналдо од вчера е нов фудбалер на италијанскиот великан Јувентус, откако беше официјализиран трансферот вреден 105 милиони евра, по што Португалецот потпиша четиригодишен договор според кој ќе заработи вкупно 120 милиони евра (30 милиони по сезона).

И додека многумина сметаат дека трансферот на Роналдо во Јувентус е потценувачки низок, затоа што најдобриот светски фудбалер во моментов е двојно поевтин од најскапиот фудбалер на светот Нејмар, во Шпанија излегоа со теорија на „кисело грозје“, според која во овој трансфер трите страни се губитници. Роналдо замина од Мадрид според многумина поради Флорентино Перез, првиот човек на Реал со кого во последно време не биле во најдобри односи.

Иако веќе беше објавено дека берзата полудела со самата информација дек Роналдо е пред доѓање во Торино, дека Јувентус ќе заработи „милијарда евра“, дека за Реал Мадрид ова било последна шанса за да извади добра сума за својата најголема ѕвезда, шпанските медиуми не размислуваат на таков начин.

Зошто загуби Реал Мадрид?

Кој и да го донесат како замена за Роналдо тешко дека ќе добијат фудбалер, кој ќе даде 50 голови во сезона во просек. Плус, тешко дека ќе најдат таков бренд кој ќе го надополни тоа што го загубија. Роналдо беше бренд, заштитно лице и во моментов само Нејмар би можел на маркетинг планот, па и фудбалски да го покрие заминувањето на Роналдо. Од оваа страна Перез е во најголем проблем, без оглед што 100 милиони евра за 33-годишен фудбалер се премногу прари и добра зделка.

Зошто загуби Јувентус?

Во целата еуфорија платија премногу пари за човек кој има 33 години и чија кариера според сите параметри за година-две ќе почне да се движи во надолна линија. Јувентус и Роналдо потпишаа четиригодишен договор, а севкупно „старата дама“ ќе потроши 345 милиони евра за Португалецот, кој допрва ќе треба да се прилагодува на лигата во која е „потешко“ да се даваат голови отколлу во Ла Лига.

Зошто најмногу загуби Роналдо?

Роналдо си ја доби платата која ја бараше од 30 милиони по сезона, ама изгуби сè остнато. Заминува во многу послаба лига во однос на шпанската, тешко дека ќе постигнува така лесно голови како што тоа беше случај на Пиринеите, нема да има дерби мечеви како тие со Барселона во „ел класико“, а плус многу помали му се шансите да владее со Европа во црно-белиот дрес, отколку што тоа беше случај со „лос бланкос“, со кои освои четири европски круни за пет години. „Точно е дека навивачите ќе го обожуваат, што не беше случај во Реал, затоа што ги сакаа неговите голови, ама не и него, но без оглед на се, најдобрите денови на Португалецот се зад него“, тврди „Марка“.

Во секој случај допрва времето ќе покаже кој најмногу загубил, ако воопшто има таков, затоа што модерниот фудбал е чист бизнис, а успехот најмногу се брои во големата заработка. Јуве направи бизнис зделка на векот, особено на маркетинг план и сега очекува силна заработувачка. Останува да се види дали Роналдо може да биде нивниот клуч за европска титула, која „старата дама“ ја чека повеќе од две децении.