Зидан: Сакам да направам целосен круг со француската репрезентација

Зинедин Зидан имаше интервју за „Лекик“ во кое наведе дека негова голема желба е да биде селектор на Франција. 

Моментално има многу понуди од разни клубови од Европа, но неговата најголема амбиција и желба е да биде селектор на Франција. 

„Секако дека сакам да бидам селектор. Се надевам, еден ден, а кога ќе биде тоа не знам. Не зависи само од мене, но сакам да го комплетирам целиот круг со француската репрезентација. Освоив сè како играч. И тоа беше најубавата работа што ми се случила. Навистина! Тоа беше врвот. Бидејќи ги искусив тие работи како играч, а сега сум тренер, француската репрезентација е постојано во мојот ум и сум фиксиран на оваа идеја“, вели Зидан.

Не знае дали ќе биде наследник на неговиот поранешен соиграч и сегашен селектор на „триколорите“, Дидие Дешамп, но неговата желба останува.

„Не знам, ако треба да се случи, ќе се случи, дали ќе биде тогаш по Дешамп или не. Кога велам дека сакам да ја преземам Франција, стојам зад тоа. Во моментов тимот е на место, со свои цели. Но, ако шансата се отвори ќе бидам таму. Уште еднаш, работите не зависат само од мене. Мојата длабока желба е тука. Француската репрезентација е нешто најдобро“, додаде поранешниот тренер на Реал Мадрид.